Спортските натпревари кои ги пренесуваат најгледаните спортски канали Арена спорт од следната година, според најавите на менаџментот, се очекува да бидат и со коментар на македонски и албански јазик.
„Планираме пет канали да бидат на македонски јазик и пет на албански јазик бидејќи таму албанскиот јазик е еден од службените јазици“, вели главниот извршен директор на Арена ченелс групацијата, Небојша Жугиќ.
Арена спорт каналите, кои се дел од Телеком Србија групацијата, се најгледаните спортски канали во регионот и во Македонија. Според последните податоци со кои се пофали компанијата, повеќе од 4 милиони домаќинства ширум земјите каде се достапни ги имаат во своите телевизиски пакети и редовно ги следат програмите на Арена спорт каналите.
Секако тоа се должи на фактот што Арена ги има ексклузивните права за пренос на најквалитетни фудбалски, кошаркарски, ракометни и останатите спортски натпреварувања и настани.
Медиумската куќа Арена Чанелс Груп ги има правата за Лига на шампиони, Лига на нации, Лига Европа, правата да ги пренесува квалификациските натпревари за Светското првенство 2026, како и за претстојните Европски првенства во 2024 и 2028 година, натпреварите од НБА. Покрај ова, неодамна Арена спорт ги презеде правата и за натпреварите од НФЛ и американскиот бејзбол шампионат.
Покрај елитните лиги и натпреварувања од светот, на Арена каналите се пренесуваат и натпреварите од Првата македонска фудбалска лига, како и АБА 2 каде се натпреварува македонскиот кошаркарски шампион, МЗТ Скопје.