ИНТЕРВЈУ ЛОПИЧИЌ, ДИРЕКТОР НА МТЕЛ: На македонскиот пазар има место за уште еден оператор

30.12.2021.
ИНТЕРВЈУ ЛОПИЧИЌ, ДИРЕКТОР НА МТЕЛ: На македонскиот пазар има место за уште еден оператор

Превземено од www.faktor.mk

Мтел, членка на Телеком Србија почна извесен пробив на македонскиот пазар, за почеток со сателитска телевизија и објави дека веќе има 500 претплатници. 

Во интервју за Фактор, Марко Лопичиќ, генералниот директор на Мтел. Зборува за нивните очекувања за наредниот период во овој сегмент на телекомуникации на нашиот пазар.

Лопичиќ: За овие месец и пол дена работа можеме да заклучиме дека постои голем интерес кај македонските граѓани за услугите на m:Sat. Во првиот месец имавме 500 корисници, а на денешниов ден над 1100, како и значителен број барања кои се во реализација. Очигледно е дека нашата понуда претставува освежување на пазарот, и затоа очекуваме понатамошен  раст на корисници во овој сегмент, како и тоа 2022 година да ја завршиме како еден од позначајните оператори на пазарот на телевизијата.

Велите дека имате единствена понуда кога е телевизијата во прашање – зошто?

Лопичиќ: Пред сѐ, затоа што нудиме голем број забавни, спортски и музички содржини на едно место. Во тој контекст би ги истакнал Суперстар каналите, каде што поголемиот дел од содржините се во продукција на Телеком Србија групацијата, со што повторно заживеа продукцијата на филмски и сериски содржини на овие простори. Тоа е особено значајно бидејќи придонесува кон поврзување на луѓето од просторите на поранешна Југославија, преовладуваат теми со кои тие можат да се поврзат и во нив глумат голем број актери од ова подрачје. Спортот е исто така многу гледан во целиот регион а каналите на Арена спорт се најгледани, од Словенија до Македонија. Покрај големиот број врвни содржини, најсилни европски фудбалски лиги, Лигата на шампиони, NBA лигата и разни регионални натпревари, од наредната година на каналите на Арена спорт ќе се прикажува и најгледаната спортска содржина во светот – англиската Премиер лига.

Се ширите на македонскиот пазар после експанзијата и во регионот. Што покажаа вашите претходни анализи на пазарот, каква е вашата стратегија тука во поглед на очекуваниот продор на претплатници, но и промет во првите неколку години?

Лопичиќ: Според сите анализи, веруваме дека на македонскиот пазар има место за уште еден оператор. Особено затоа што е во прашање Телеком Србија групацијата. Имено, ние го имаме неопходното искуство и работиме во сите држави на поранешна Југославија, како и во државите на Европската унија. Нашите планови се за неколку години да достигнеме лидерска позиција по број на корисници и висина на приходи.

Светот ја живее третата година од пандемијата на корона вирусот и тоа сериозно се одрази на реалната економија, и можеби помалку, но секако и на вашата индустрија. Кои се клучните предизвици со кои се соочувате во овој период?

Лопичиќ: Пандемијата на корона вирусот покажа колку е телеком индустријата важна за животот и работата на луѓето. Кога сѐ застана, една од клучните работи која мораше да функционира без прекин се телекомуникациските услуги. За да биде така, нашите вработени, со почитување на сите мерки, работеа пожртвувано за да го овозможат сето ова.

Во Македонија, освен пандемијата, политичката состојба е дополнително оптоварен со можни нови избори наредната година, со веќе најавени промени во Владата, што често значи и помала интеракција и извесни доцнења за стопанството. Колку тоа влијае на вас и како соработувате со институциите и регулаторите?

Лопичиќ: Како што истакнавме при отпочнувањето на МТЕЛ тука во Северна Македонија, особено сме задоволни од соработката со сите регулаторни тела. И ним им припаѓаа заслугата што за многу кратко време успеавме да отпочнеме со работа. На сите стопански актери им се неопходни стабилни и предвидливи услови за работа, и нашите очекувања се, како компанија која тука има greenfield инвестиција, таквите услови да се одржат.

Најавувате некаде во мај да почнете да нудите услуги од мобилна телефонија. Тука постојат неколку оператори на пазарот, од кои два имаат доминантно учество во овој сегмент. Какви се вашите прогнози, како ќе се пробиете на пазарот? Дали прво ќе започнете како виртуелен оператор?

Лопичиќ: Планот е во вториот квартал од 2022 на корисниците да им понудиме услуги од мобилна телефонија. Анализите на пазарот и нашата позиција како број еден оператор во регионот во овој сегмент ни дава за право да веруваме дека тој резултат ќе го оствариме и тука.

Од друга страна кои се вашите очекувања за развој на овој пазар, во смисла на конкуренција, цени, услуги?

Лопичиќ: Нова конкуренција и нова понуда секогаш се добри за корисниците и за пазарот, бидејќи тоа значи поширока понуда и поголема можност за избор. Секој натпревар претставува предизвик и за нас, и за другите оператори, да ги направат услугите поквалитетни и поатрактивни за своите корисници.

Домашните оператори сериозно инвестираат во 5Г мрежата. Се чека државна регулација, па ве прашувам кога очекувате овој процес да се заврши во овој дел од Европа и во овие земји, и што тоа ќе значи за корисниците?

Лопичиќ: 5Г е технологија на иднината која носи не само побрз интернет, што е директен ефект кој корисниците ќе го почувствуваат, туку би требало на корисниците да им донесе и значително забрзување, прецизност и автоматизација во други важни сегменти од животот како што се: подобро и попрецизно управување со логистичката инфрастуктура, паметни градови, посигурен транспорт, што е индиректен но значаен ефект на 5Г технологијата. За очекување е дека целиот регион ќе го заврши овој процес во наредните две години. Сакам да ја искористам оваа прилика на сите граѓани да им посакам среќни божиќни и новогодишни празници, и воедно да ги повикам Новата година да ја дочекаат со исклучително богатата програма на нашата телевизија.

 

A.T.