МТЕЛ стана генерален спонзор на КК Работнички Скопје

10.10.2022.
МТЕЛ стана генерален спонзор на КК Работнички Скопје

На 8 октомври 2022, со свечено потпишување на договорот за спонзорство беше означен почетокот на пријателството меѓу МТЕЛ и најтрофејниот клуб во македонската кошаркарска историја, КК Работнички Скопје. МТЕЛ – членка на групацијата Телеком Србија, со овој потег ги докажува своите искрени заложби за понатамошен развој и промоција на македонскиот спорт.

Со договорот за спонзорство, клубот ќе добие поддршка во следните четири години. Пред поголем број новинарски екипи и гости, договорот го потпишаа извршниот директор на МТЕЛ, г. Марко Лопичиќ и извршниот директор на КК Работнички г. Горан Веселиновски, во присуство на генералниот директор на Телеком Србија, г. Владимир Лучиќ, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г. Димитар Ковачевски и градоначалникот на општина Центар, г. Горан Герасимовски.

По тој повод, генералниот директор на Телеком Србија, г. Владимир Лучиќ, во своето обраќање пред присутните рече: „Денешното потпишано спонзорство, како и сите други планови и инвестиции кои ги имаме во Македонија, се најдобар доказ за нашата стратешка посветеност на овој пазар и сигурен знак дека сите наши соработници и идни корисници, како и Владата на Република Северна Македонија, во нас имаат сигурен партнер.“

Извршниот директор на МТЕЛ, г. Марко Лопичиќ, во потпишувањето на договорот со познатиот македонски кошаркарски клуб гледа продолжување на традицијата за поддршка на споротот која ја негуваат сите членки на групацијата на Телеком Србија. Тој изрази надеж дека ова спонзорство ќе им овозможи на кошаркарите и на стручниот штаб на Работнички да работат и да се натпреваруваат во уште подобри услови, за резултатите во претстојната сезона да бидат уште подобри.

„Како што веројатно знаете и сами, Телеком Србија во Србија, како и нашите компании во Босна и Херцеговина и Црна Гора, од своето основање го поддржуваат спортот и на аматерско и на професионално ниво. Поради тоа решивме таа позитивна деловна пракса да ја пренесеме и во Македонија.“ – истакна Лопичиќ.

Упатувајќи благодарност до раководството на Телеком Србија и МТЕЛ за поддршката, извршниот директор на КК Работнички Скопје, г. Горан Веселиновски истакна: „Ние како спортисти и спортски работници можеме само да ја продолжиме борбата на спортскиот терен и да ја оправдаме довербата што ни ја дадовте.“

Претседателот на Владата, г. Ковачевски упати порака до целата спортска јавност да ја поздрави деловната одлука на МТЕЛ да стане генерален спонзор на еден од најтрофејните македонски спортски клубови. „Во услови на европска енергетска криза, со најтешки економски последици после Втората светска војна, демонстрирање на вака висок степен на општествена одговорност е чин кој несомнено треба да се поздрави.“ – потенцираше тој.

Градоначалникот на општина Центар, г. Горан Герасимовски нагласи дека овој договор претставува ново поглавје за клубот, ново партнерство меѓу најголемиот бренд на Центар и една од најуспешните компании во регионот, МТЕЛ. Меѓу другото, тој истакна дека ова е нов почеток и нова приказна за општината и за клубот.

„Моја заложба како градоначалник, но и како центарец, е повторно да го вратиме клубот на старите победнички патеки.“ – заклучи Герасимовски во своето обраќање.