Режисерот на хит-серијата „Беса“, Стоименов: Балканот е неисцрпен извор на инспирација за уметниците

04.03.2022.
Режисерот на хит-серијата „Беса“, Стоименов: Балканот е неисцрпен извор на инспирација за уметниците

Превземено од www.emagazin.mk

 

Игор Стоименов е креатор, режисер и сценарист на серијата „Беса“, чија што премиера на втората сезона помина, а публиката доби квалитетно подготвена и возбудлива приказна. Стоименов во интервју за еМагазин заборува за приказната која се проткајува низ серијата, македонскиот авторски печат „шареноликата“ актерска екипа, подготовките околу третата сезона.

Како вие сте задоволни од втората сезона успеавте ли во целта од „Беса“ да создадете еден функционален склоп од традиционалното и модерното во телевизиската продукција?

Пред сè Ви благодарам за убавите зборови во име на целата екипа на продукцијата Адреналин која што, заедно со продуцентката Теа Королија и со мене, работеа на оваа серија.
Денес, кога работата на втората сезона на „Беса“ веќе неколку месеци е зад нас, со чисто срце можам да кажам дека сум горд, бидејќи повеќегодишниот труд на кој што се изложивме, а на проектот „Беса“ активно работиме од 2016 година, се исплатеше.

А, знаете каде сето тоа најдобро се гледа? Кај обичните луѓе, кои не се дел од нашата професија, а со кои се среќавам во секојдневниот живот: таксисти, келнери, фризери, полицајци … во „Беса“ го препознаа она во што ние од самиот почеток верувавме: универзална приказна за луѓето чии судбини се преплетуваат, без разлика на националната, верска или било која друга различност.

Ризикот кој што го прифативме од самиот почеток, да работиме серија која ќе биде на работ, како уметнички, така и дневнополитички донесе нешто многу поголемо и позначајно од „уште една серија на телевизија“.

Кога во втората сезона покрај сите останатите различности и судири во серијата ја внесовме и таа генерациската, како го нарековте во вашето прашање „склоп на традиционалното и модерното“ добивме уште еден слој и уште покомплексна приказна. Судирот кој што до тој момент тлееше меѓу семејствата, го воведовме во семејството. Всушност онака како што тоа го правеа моите драмски примери од пред две и пол илјади години, писателите на античките трагедии.

Има ли веќе подготовки за трета сезона, што може да очекуваат веќе верните фанови на „Беса“?

Со ова прашање се сретнувам секојдневно на улица, всушност од луѓето кои предмалку ви ги споменав. Келнер во моето локално кафуле бараше од мене „Беса“ третата сезона да биде најдоцна 2023 или повеќе нема да ме послужува.

Паузата од три години која што настана меѓу првата и втората сезона предизвикана е од една страна од потребата добро да се напише и сними нешто така комплексно како што е „Беса 2“, а од друга страна, како и кај сите, поради целата оваа папазанија од Ковид вирусот.

Ние и снимањето бевме принудени да го прекинеме на неколку месеци бидејќи едноставни не можевме да ја собереме целата екипа, а не заборавајте дека екипата на „Беса“ ја чинат луѓе од 12 земји, од Медитеранот до Северното море.

Верувам дека ќе ги исполниме очекувањата на сите кои ја сакаат оваа серија и во најкраток можен рок ќе имаме продолжение на „Беса“, бидејќи има уште многу што да се каже за судбините на нашите (анти)херои Урош, Дардан, Петрир, Лука, Дритон, Уна, Дивна…

Она што е особено интересно во „Беса“ и се смета дека и дава дополнителна вредност на серијата е мултинационална, регионална актерска екипа – дали ова го отежна процесот на продукција или придонесе за попродуктивна атмосфера?

Кога во 2016 година влеговме во оваа авантура, а навистина е авантура со оглед на сите препреки кои што моравме да ги пребродиме во овие пет години, една од тие работи која што не’ движеше е и самиот факт дека работиме нешто што никој досега не го направиле или бар не во последните педесетина години.

Да го споиме неспоивото и единствена мерка за тоа да биде квалитетот, а не некој НВО пари. Сакавме да направиме серија која ќе допре до сите луѓе пред се’ во регионот, а секако и многу пошироко. И во двете намери успеавме.

„Беса“ во регионот се прикажува каде никогаш ниту една српска серија не била прикажувана, „Беса“ е прва српска серија која што доби своја интернационализација и тоа ни помалку ни повеќе туку во арапскиот свет. И тоа е само почеток на нејзиниот светски пат.

Од друга страна, а таа друга страна мене ми е најважна и се однесува повторно на оние луѓе кои се провлекуваат низ цело ова интервју, обичните луѓе ги прифатија актерите од „Беса“ ширум регионот без оглед на националноста.

Така што сега е целосно нормално луѓето ширум Србија Арбен, Менсур, Рефет, Грешо, Флорист ги доживуваат како актери а не како Албанци. Ги застануваат на улица, се фотографираат со нив, ги следат на социјалните мрежи… А тоа до скоро, ќе се сложите, беше речиси па во доменот на научна фантастика.

„Беса“ раскажува комплексна балканска приказна колку време беше потребно за градење на трите главни ликови?

Балканот, а особено неговиот јужен дел е неисцрпен извор на инспирација за уметниците, и така е веќе 3.000 години. Па, не без причина нуклеусот на европската цивилизација, култура и политика настанал токму тука.

Раскрсница на патиштата на кои што живееме, која е под влијание на различни религии и култура, го донесе она најдоброто но и најлошото меѓу луѓето со кои секојдневно живееме.

Тој диверзитет со кој што сме опкружени,всушност беше инспирација за нашите ликови. Тие во себе го носат она најдоброто, но и најлошото од Балканот. Во нашите ликови се преплетуваат наследството на православието, католицизмот, исламот, антиката… вековна омраза, но и љубов.

Сакавме да покажеме дека не постои универзално зло, ниту универзално добро. Се трудевме во априори негативците да најдеме нуклеус на добро и од се’ срце сум благодарен на актерите кои успеаја тоа да го изнесат.

Стравувате ли во било кој момент дека приказната која што ја раскажувате, пораките што сакате да ги испратите преку серијата, би можеле да бидат сфатени погрешно и да бидат повод за негативни реакции?

Не, искрено не. Веќе предолго на Балканот едни на други си претставуваме лоши вести во весниците и ТВ дневниците. Длабоко верувам дека е работа на уметниците да ги поврзуваат луѓето и дека е далеку над дневнополитичките работи.

Мислам дека во основата на сите наши балкански судири е неинформираноста, непочитувањето на туѓиот идентитет и недоволно образование. Јас целиот свој живот, и приватно и уметнички се борам против тоа.

Така беше и во првите денови од снимањето на „Беса“. Сите дојдовме со некој вид на страв како ќе реагираме едни на други. А денес, денес навистина сме пријатели. Со сите свои различности. Еве еден пример кој што неврзано за името на државата директно се поврзува со сите нас.

Во последните децении сите „успеавме во своите вековни соништа“ и создадовме свои држави. Само една работа заборавивме, а тоа е фактот дека со полни гради во своите држави го дишеме најзагадениот воздух на светот !!??

Втората сезона се снимаше на повеќе локации од Црна Гора до Естонија, дел од екипа е  македонската актерка Камка Тоциновски, серијата има висока гледаност во Македонија – во третата сезона може ли да очекуваме повеќе македонски елементи во новите епизоди.

„Беса“ е пред сè панбалканска серија која што настана од српски финансии. Мојата желба како автор е нам да ни се случи она што им се случи на скандинавците. Тие успеаа да изградат универзална препознатливост на нешто што се нарекува „скандинавски ноир“.

Кога гледате некоја скандинавска серија не го правите тоа затоа што се работи за шведска, данска, норвешка серија. Вие гледате „скандинавски ноир“ серија. Јас искрено се надевам дека и ние ќе успееме наскоро така да настапуваме на светскиот пазар на серии.

Македонскиот авторски печат и особено присутен во „Беса“. Сектори од сценографијата и маските се во целост од Македонија. Покрај Камка, тука се и албански актери од Македонија, а Рефет Абази ни беше некој вид на супервизор во врска со албанското наследство и традиција.

Јас сум по потекло од југот на Србија, педесетина километри од македонската граница и уживам да работам со луѓе од Македонија бидејќи по менталитет сме многу слични, да не кажам исти.

Втората сезона на „Беса“ е во копродукција на Адреналин и Телеком Србија и премиерно се прикажуваше на Суперстар каналите, колку овој спој на продукциските куќи со телекомуникациските оператори и обезбедувањето сигурен пласман за емитување на серијата е од помош за Вас како креатор?

Неколку години наназад се случува нешто што донесе многу добро за сите. Појавата на платформи за емитување на серии, како глобални, така и регионални и локални, ни овозможи пред се’ нам, на авторите послободно да вложуваме во квалитетни проекти, а гледачите во своите домови да уживаат во квалитетна содржина.

Јас се надевам дека ова не е краткорочен тренд, туку тенденција која што на сечие задоволство ќе донесе многу добро за сите: и продукциите, и емитувачите, а што е најважно за гледачите.

 

Фото/ насловна: Slaven Vilus